Свет 20. јули 2019. / 21:37

Мадуро: Заканите на ЕУ за нови санкции се уцена

Мадуро: Заканите на ЕУ за нови санкции се уцена

Венециуелскиот претседател Николас Мадуро ги смета како „уцена“ заканите на ЕУ со нови санкции доколку преговорите меѓу власта и опозицијата во земјата не бидат успешни.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека ЕУ „ќе ги прошири санкциите“ против властите во Венецуела доколку преговорите завршат без ниту еден конкретен резултат.

Федерика Могерини сака да го уценува дијалогот. Сметам дека нејзината изјава е злонамерна и апсурдна – истакна Мадуро, додавајќи дека Венецуела не прифаќа притисоци и уцени.

Американското Министерство за финансии, пак, соопшти дека вовело санкции против четворица офицери на воено-разузнавачката служба на Венецуела по смртта на еден војник кој е уапсен поради наводно учество во обидот за државен удар.

Венецуела долг период минува низ длабока политичка криза поради борбата меѓу Мадуро и опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на државата и е признат од педесетина земји, меѓу кои и САД.