Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро објави синоќа победа во „електричната војна“, предизвикана според него од Пентагон и соопшти дека е создадена „претседателска комисија за последици“, за која ќе побара помош од Русија, Кина и Иран, пренесоа агенциите.
–Објавувам победа во електричната војна, рече Мадуро на министерскиот состанок на телевизија.
Венецуела е во најтешката криза во снабдувањето со електрична енергија од минатиот четврток, која го парализираше транспортот, комуникациите, трговијата и животот на населението, потсетуваат агенциите.
Електричната енергија е речиси обновена во Каракас и во повеќето држави, според владата, но не и во провинцијата.
Од почетокот на кризата, Мадуро ги обвинува САД и опозицијата дека извршиле „сајбер напад“ против главната централа.
–Имаме докази дека сајбер нападите се предводени од Хјустон и Чикаго во САД и дека тие се нарачани од Пентагон, изјави Мадуро.
–Ќе побарам помош од ОН, Кина, Русија, Иран и Куба – земји со големо искуство во сајбер нападите, продолжи тој.
Ние ќе откриеме каков бил нападот, кој го направи тоа и за каква цел, рече Мадуро, цитиран од АФП.