Свет 16. август 2020. / 23:01

Лукашенко на митинг со приврзаниците: Ниту мртов не ја давам земјата

Лукашенко на митинг со приврзаниците: Ниту мртов не ја давам земјата

Актуелниот претседател на Белорусија, Александар Лукашенко, присуствуваше на митингот на неговите приврзаници денес, кога рече дека нема да ја даде својата земја дури и ако е мртов, јави ТАСС.

 

Заедно со вас, и покрај сите тешкотии и проблеми, ние изградивме убава земја. На кого решивте да ја подарите? Ако некој сака да ја подари земјата, јас нема да дозволам да го стори тоа дури и мртов, рече Лукашенко на митингот пред седиштето влада во Минск.

Тој рече дека Белорусија ќе пропадне како држава ако се согласи да одржи повторни претседателски избори.

Раководството на НАТО нè повикува да одржиме нови избори, рече Лукашенко. „Ако ги почитуваме нивните желби, ќе умреме како држава, истакна тој.

Лукашенко рече дека тенковите и авионите на НАТО биле распоредени 15 минути од белоруската граница и дека соседните земји бараат да се повторат изборите, што тој упорно го одбил, и посочи дека странските влади се обидуваат да го соборат.

Според Асошиејтед Прес, неколку илјади луѓе се собрале на митингот за поддршка на Лукашенко, носејќи државни знамиња и извикувајќи „За Белорусија“, „За Батка“, што е прекар на Лукашенко, додека на звучниците се слушале патриотски песни.

По овој митинг, се очекува да се соберат противниците на сегашната влада, кои протестираат една недела против резултатите од претседателските избори што се одржаа на 9 август, на кои Лукашенко го доби шестиот мандат.

Поддржувачите на опозицијата веруваат дека изборите биле украдени.