Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, предупреди дека не смее да има релаксирање во борбата за закрепнување од економските последици од пандемијата на Ковид-19.
Лагард притоа ги повика владите од еврозоната да ја поддржат ЕЦБ со засилена фискална потрошувачка.
И покрај закрепнувањето на еврозоната од тешките економски последици од пандемиските карантински мерки, Лагард во говорот за време на состанокот на претседателите на арапските централни банки истакна дека закрепнувањето е нерамномерно и неизвесно бидејќи неколку земји се борат против повторно зголемување на бројот на нови случаи, наведува лондонски „Гардијан“.
Лагард истакна и дека ЕЦБ останува подготвена да ги прилагоди сите свои инструменти за да и помогне на групата од 19 земји во еврозоната да ја надминат сегашната криза.
Лагард повтори дека владите на овие земји треба да придонесат во напорите со јавната потрошувачка и инвестиции.
Продолжувањето на експанзивната фискална политика е клучно за да се избегнат прекумерните губења на работни места и за поддршка на приходите на домаќинствата до позначително зајакнување на економското закрепнување – порача Лагард.
Таа ги повика владите на земјите од еврозоната брзо да ги усогласат преостанатите детали од договорот за фондот на Европската унија од 750 милијарди евра за економско закрепнување од пандемијата, така што средствата од тој фонд да почнат да пристигнуваат кога е планирано, односно од јануари следната година.