Австрискиот канцелар Себастијан Курц очекува до почетокот на летото да се постигне договор со Германија за отворање на заедничката граница, која беше затворена за да се спречи ширењето на корона вирусот.
Јас сум оптимист дека во следните недели ќе најдеме решение со Германија – изјави Курц.
Како што потсети австрискиот канцелар, и во двете земји во моментов има ниски стапки на нови инфекции.
Курц посочи дека разговара со Европската комисија за создавање „фер правила“ за отворање на границите.
Договорот ќе се донесе веднаш откако Германија биде подготвена за тоа – изјави Курц.
Австрискиот туризам е многу зависен од германските гости. Само минатата година, германските гости учествуваа со околу 37 отсто од вкупните 79 милиони ноќевања, а домашните гости само со 30 отсто.
Туризмот е многу важна гранка за австриската економија, бидејќи учествува со 15,4 отсто во БДП-то.