Свет 19. декември 2019. / 12:26

Кралицата Елизабета ќе ја претстави програмата на владата на Борис Џонсон

Кралицата Елизабета ќе ја претстави програмата на владата на Борис Џонсон

Кралицата Елизабета Втора денеска ќе ја претстави програмата на новата конзервативна влада по убедливата победа на Борис Џонсон на предвремените избори на 12 декември.

Програмата вклучува прифаќање на законодавството за излез на Велика Британија од ЕУ на 31 јануари.

Со традиционалниот говор кралицата Елизабета ќе ја објави програмата на владата на Борис Џонсон, која содржи повеќе од 20 законски акти. Таа нема да биде облечена церемонијално и постапката ќе биде скратена.

Освен договорот за Брегзит, програмата предвидува мерки за обезбедување дополнително финансирање за здравствена заштита и подолги казни за опасните криминалци. Амбициозната програма содржи уште подлабоки реформи кои влијаат на образованието и инфраструктурата.

Борис Џонсон најави дека сака да ја обедини земјата. Тој има мнозинство од 80 гласови во Долниот дом. По церемонијата, од пратениците ќе биде побарано веднаш да започнат со ратификување на договорот за Брегзит.

Првата дебата и гласањето се очекуваат утре, по што Парламентот ќе се распушти за божиќните празници.