Авганистанската Влада неделава почна да дистрибуира бесплатен леб за стотици илјади лица низ земјата затоа што дојде до недостаток во дистрибуцијата поради мерките за изолација наметнати за спречување на епидемијата на корона вирусот, како и поради зголемувањето на цените.
Како што соопштија авганистански власти, во првата фаза од проектот повеќе од 250.000 семејства во главниот град Кабул почнаа да примаат десет тенки наан лебови дневно.
Претседателот Мохамад Ашраф Гани изјави дека леб се дистрибуира и во други градови затоа што зголемените цени тешко ги погодиле граѓаните во земјата, која е една од најсиромашните во светот, каде што повеќе од половина од популацијата живее под границата на сиромаштија.
Економистот од независниот институт Бируни во Кабул, кој има пристап до најновите владини податоци за потрошувачката кошничка, Омар Јова, информира дека годишната стапка на инфлација во Авганистан во април изнесувала 12,1 процент, а кога станува збор за цената на храната таа е 27 проценти повиксока во однос на 11 проценти во претходниот месец.
Со оглед на големата зависност на Авганистан од увоз на храна и други непрехранбени производи, нарушувањето на трговијата поради затворањето на границите може да има сериозно влијание врз домашната инфлација – велиЈова.
Растот на цените на храната, што се случува за време на светиот месец Рамазан, е сериозен удар за земјата, измачувана со децениските воени конфликти.
Ситуацијата со Ковид-19 во Авганистан брзо се развива од здравствена во криза со храна и егзистенцијална криза – предупреди заменикот директор на Светската програма за храна за Авганистан, Парвати Рамасвами.
Во Авганистан има вкупно 3.224 позитивни на корона вирусот, од кои 95 починаа.