Свет 19. мај 2020. / 11:49

Корона вирусот ги одложи изборите за крајот на летото во над 50 држави во светот

Корона вирусот ги одложи изборите за крајот на летото во над 50 држави во светот

Најмалку 56 земји и територии низ целиот свет одлучија да ги одложат парламентарните и локални избори заради Ковид-19 и заштита на нивните граѓани.

Избори се откажани на речиси сите континенти, покажува „Глобалниот преглед на Ковид-19: Влијание врз изборите“, од каде може да се види дека откажани избори се во Африка, Америка, Азија и Европа. Откажани се и локалните избори во Австрија. Избори откажаа и Чешката Република, Англија и Германија. За потсетување првиот круг од локалните избори во Франција во март годинава предизвика рекордно ниско ниво на излезеност со што вториот круг беше одложен и се уште не е одржан.

-Високата стапка на воздржаност е доказ дека граѓаните се плашат да излезат на гласање, неодамна изјави премиерот на Франција Едуард Филип.

Сепак, според податоците на сајтот, има најмалку 23 земји и територии кои одлучиче да одржат парламентарни или локални избори и покрај загриженоста поврзана со Ковид-19, од кои најмалку 9 земји веќе ги спровеле изборите. Во периодот март и април, во време на корона-криза, избори одржале: Иран, Гвајана, Доминиканската Република, Вануату, Камерун, Мали, а претседателски во Тајван. Додека во месец мај единствено локални избори се одржани во Бенин, Западна Африка.

Избори во месец јуни и покрај корона-кризата, наведува сајтот, се предвидува да се одржат во Исланд на 27 јуни, Монголија 24 јуни, а Малави ќе одржи прегласување на претседателските избори на 2 јуни.

Изборите ги одложија за крајот на летото: Нов Зеланд – општи избори и референдум ќе се одржи на 19 септември. Јордан парламентарни избори ќе одржи во септември, а Литванија во октомври. Изборите во Белорусија остануваат на распоредот за 9 август 2020 година. Локалните избори во Босна и Херцеговина се потврдени дека ќе се случуваат на 4 октомври. Покрај ова, претседателските избори за САД се уште се закажани за 3 ноември 2020 година. Сингапур, Либерија и Бразил размислуваат за одложување на изборите во октомври 2020 година. И Полска ги откажа претседателските избори поради пандемијата со корона вирусот. Истите требаше да бидат одржани во неделата, но беа одложени, а новиот датум ќе се дознае за две недели.

Сепак, некои земји разговараат и за можноста за одржување избори и покрај ризикот што го предизвикува пандемијата, како што е Танзанија. Хрватска размислува да спроведе избори во јуни или јули, наместо првичниот датум утврден за доцна есен. Србија доколку пандемијата со Ковид-19 биде по контрола планира изборите да ги одржи на 21 јуни, изјави вчера претседателот на државата, Александар Вучиќ.

Инаку во регионот избори до овој момент беа одложени и во Црна Гора, Косово и Србија, вклучувајќи ја и Македонија.