Вирусот Ковид-19 може повторно да се активира кај пациенти излечени од болеста, предупредуваат од Корејскиот Центар за контрола и превенција на заразни болести (ЦДЦ).
Податоците на Центарот покажуваат дека во Јужна Кореја има 51 пациент што бил излечен од болеста, а кој било позитивен на дополнително тестирање.
Наместо тие повторно да се заразиле, можно е вирусот повторно да се активирал кај овие луѓе, со оглед на тоа што тие биле позитивни многу брзо откако биле отпуштени од карантин. Сериозно ја разгледуваме оваа можна причина и спроведуваме опсежно истражување за тоа. Има многу случаи кога пасциент за време на третманот на едно тестирање ќе биде негативен, а на друго позитивен – вели генералниот директор на ЦДЦ, Џеонг Еун-Кјеонг.
Како што наведува директорот, ЦДЦ ќе спроведе епидемиолошко испитување на ваквите случаи.
За некој да се смета целосно оздравен треба да направи два последователни теста за 24 часа и тие два теста да бидат негативни.
Јужна Кореја беше една од земјите коишто меѓу првите имаа масовно избивање на епидемијата, но во земјата има само 204 починати, а има и постојано опаѓање на бројот на нови заразени од врвот на епидемијата на 29 февруари, кога имаше 1.189 нови случаи. Со масовното тестирање и пристап базиран на најнова технологија земјата успеа да ја стопира и да ја стави под контрола епидемијата без да наметнува карантин или затворање на бизнисите.
Најновите бројки за Кореја велат дека земјата има регистрирано вкупно 10.423 заразени, од кои 6.973 се пуштени од болница.
Стравувањето од повторно заразување на пациентите расте и во Кина, каде што се појави вирусот минатито декември, откако се појавија извештаи дека има луѓе што на повторените тестови биле позитивни (меѓу кои и починати) откако претходно оздравеле и ја напуштиле болницата. Има малку објаснувања зошто тоа се случува иако голем број научници сметаат дека тоа се должи на неточност во резултатите од тестовите.
Епидемиолозите ширум светот се во трка со времето за да дознаат што повеќе за вирусот Ковид-19. Брзото ширење на вирусот предизвика главниот фокус да се сврти кон пациентите коишто го имаат вирусот, но покажуваат малку или нетипични симптоми. Кореа е меѓу најуспешните при детектирањето на таквите случаи, коишто предизвикуваат особена загриженост во Кина, каде што епидемијата полека се става под контрола.