Вкупно 220.000 претпријатија во Франција побарале делумна невработеност за 2,2 милиони вработени.
– Ние имаме илјадници барања во минута. Главните области што се засегнати се индустријата, угостителството, градежништво и трговијата со храна, кои во моментот се многу погодени – изјави министерката за труд Муриел Пенику.
Според неа, целта на работењето со парцијално работно време, што се користи масовно, е да се избегнат отпуштањата од работа.
– Мојата прва цел е да избегнуваме отпуштања од работа за да избегнеме социјална фрактура и исто така да им овозможиме на компаниите, утре, да започнат повторно со работа со своите знаења – истакна министерката Пенику.
Таа додаде дека овој систем ја исполнува својата цел, бидејќи во моментот има многу мало зголемување на невработеноста.
Како што информира министерката, истовремено вработувањата паднале за 70 проценти, освен во одредени сектори како производство на маски, земјоделство…
Министерката Пенику им порача на компаниите да не ги отпуштаат работниците, туку да користат скратено работно време.
– Ќе ги задржите своите вештини и нема да ги оставите вработените да останат без работа. Дури и за еден вработен, делумната невработеност функционира. Сите барања за кои не е одговорено во рок од 48 часа се смета дека се одобрени и ние ќе извршиме пост-проверки по здравствената криза – истакна таа.