Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и неговиот полски колега и домаќин Анджеј Дуда ја отворија денешната комеморација по повод 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна.
Церемонијата почна утрово во полскиот град Вилун во 04:40 часот, кога првите нацистички бомби паднаа на Полска и загинаа првите цивили. По едноминутното молчење, Дуда му се заблагодари на Штајнмајер за неговото присуство.
Подоцна, премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки и европскиот претставник Франс Тимерманс ја одбележаа годишнината на полуостровот Вестерплате, каде се случи првата битка од Втората светска војна.
На главниот настан во Варшава ќе присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел, заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс и други.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа посетата на Варшава поради ураганот „Дориан“ кој се приближува кон Флорида, Џорџија, Јужна и Северна Каролина.