Фридрих Мерц, германски бизнисмен и сериозен кандидат за наследник на канцеларката Ангела Меркел на чело на Христијанско-демократската унија (CDU), за прв пат обелоденил дека заработува околу милион евра годишно.
Фридрих Мерц, германски бизнисмен и сериозен кандидат за наследник на канцеларката Ангела Меркел на чело на Христијанско-демократската унија (CDU), за прв пат обелоденил дека заработува околу милион евра годишно, пренесува германскиот весник „Билд ам зонтаг“.
„Почнав со правничка плата во Зарбикен која можеше да ги задоволи потребите на семејство со две деца. Денеска заработувам околу милион евра бруто“ – изјавил Мерц за овој весник.
Мерц (62) раководи со германскиот огранок на американскиот инвестициски фонд „Блекрок“, работи за американската правна фирма „Маер Браун“, а е и член на управните одбори на многу фирми, наведува „Ројтерс“.
Тој за германскиот весник не дал детали за приходите на различните позиции кои ги има, но годишните извештаи покажуваат дека неодамна заработил 125.000 евра само во „Блекрок“, како и 80.000 евра во компанијата „Вепа индустриехолдинг“ која произведува тоалетна хартија, 75.000 евра во банката „HSBC Тринкхаус“ и 14. 000 евра во ДОО аеродрм Келн-Бон, наведува „Билд ам зонтаг“.
Неодамна бил критикуван бидејќи изјавил дека припаѓа на горната средна класа, Мерц во интервјуто изјавил дека за него “средната класа“ не е чисто економска мерка.
„Од родителите ги научив вредностите низ кои се обликува средната класа, вклучувајќи ја напорната работа, дисциплина, пристојност, почитување и знаење, кое би требало да го вратиме во општеството кога тоа можеме да го направиме“ – изјавил Мерц.
Објаснил дека за него зборот “висока класа“ подразбира луѓе кои наследиле многу пари или компанија која им овозможува да уживаат во животот.
„Во мојот случај не е така“ – заклучил тој.
Мерц за лидер на CDU ќе се бори против генералниот секретар на партијата Анегрет Крамп-Каренбауер (56) и министерот за здравство Јенс Шпан (38).
Денеска објавените резултати од анкетите покажуваат дека ужива поддршка од дури 49 отсто од конзервативните гласачи, додека Крамп-Каренбауер ја поддржуваат 32 отсто од испитаниците, а Шпан само седум отсто.