Свет 06. декември 2018. / 16:18

Ќе се укине договорот за пријателство со Русија: Украинскиот парламент со поддршка за одлуката на Порошенко

Ќе се укине договорот за пријателство со Русија: Украинскиот парламент со поддршка за одлуката на Порошенко

Украинскиот парламент, Врховна рада, ја поддржа одлуката на претседателот Петро Порошенко за укинување на договорот за пријателство, соработка и партнерство со Русија.

– Договорот за пријателство, соработка и партнерство меѓу Украина и Русија ќе биде укинат на 1 април 2019 година. – се наведува во соопштението за предлогот, пренесе Тасс.

Агенцијата наведе дека за поддршка на одлуката гласале 277 пратеници, а биле потребни 226 гласа за предлогот да биде усвоен.

Договорот за пријателство, соработка и партнерство меѓу Русија и Украина, е потпишан од страна на двајцата претседатели Леонид Кучма и Борис Елцин, на 31 мај 1997 година. Земјите официјално ги признаа меѓусебните граници и ги консолидираа принципите на стратешко партнерство и почитување на територијалниот интегритет.

По анектирањето на Крим и почетокот на конфликтот во Донбас во Украина можеле да се слушнат предлози да се раскине договорот поради повреда на територијалниот интегритет на Украина.

На 30 август, министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин рече дека Министерството за надворешни работи подготви пакет документи за почеток на раскинување на договорот за пријателство, соработка и партнерство со Русија.

Тензиите помеѓу Русија и Украина повторно се зголемија откако лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република Александар Захарченко беше убиен во експлозија во ресторан во центарот на Доњецк.

Расколот е продлабочен со најновите случувања во Азовско Море. Бродовите на руската крајбрежна стража заплени три воени украински бродови во Црно Море во близина на Крим, кои се обиделе да преминат кај Керченскиот теснец. Руската страна употребила оган за да ги присили да застанат. Тројца украински војници биле повредени во инцидентот, наведе руската Федерална служба за безбедност.

Врховната Рада на Украина прогласи 30-дневна воена состојба во некои погранични области, вклучувајќи ги и водите во Црно и Азиско Море.