Свет

Ќе се прогласи вонредна состојба – 38 загинати и 300 повредени при ерупција на вулкан во Гватемала (ВИДЕО)

Ќе се прогласи вонредна состојба – 38 загинати и 300 повредени при ерупција на вулкан во Гватемала (ВИДЕО)

Најмалку 38 лица загинаа, а околу 300 се повредени при ерупцијата на вулканот Фуего кој се наоѓа на четириесет километри од главниот град на Гватемала, Гватемала сити.

Вулканот најпрво исфрлил стопени карпи, црн чад и пепел во висина од шест километри, а неколку часа подоцна, почнало да тече и лава чија температура достигнала до 700 степени Целзиусови, соопшти директорот на институтот за сеизмологија и вулканологија на Гватемала. Од владата на Гватемала соопштија дека од ерупцијата се погодени околу 1,7 милиони луѓе.

-Ќе прогласиме вонредна состојба. Со оглед на состојбата во три населени места, сметаме дека треба да го направиме тоа, изјави Џими Моралес, претседателот на Гватемала.

 

Сосема е уништено селото Ел Родео, каде жителите не успеале ниту да избегаат од нивните домови. Меѓу загинатите има голем број на деца како и членови на спасувачките служби.

-Не успеаа сите да се спасат. Мислам дека останаа заглавени во своите домови. Успеавме да ја видиме лавата која течеше низ полињата со пченка. Побегнавме по ридот. Мислам дека има уште мртви, вели Консуело Хернандес, жител на Гватемала.

Наредена е итна евакуација на жителите од загрозените региони а затворен е и аеродромот кој се наоѓа во близина на градот.

-Неколку спасувачи беа тешко повредени од карпите кои летаа од вулканот. Добивме наредба сите веднаш да се евакуираме. Во моментов не знаеме кога ќе можеме да продолжиме со евакуацијата. Ситуацијата станува се потешка, вели спасувачот Луис Алтуве.

 

Вулканот Фуего кој се наоѓа на околу 40 километри од Гватемала Сити е еден од најактивните во Централна Америка а ерупцијата беше најголема во последните неколку децении што се случи во оваа држава.