Свет 14. јануари 2021. / 12:03

Казна од 50.000 долари за неносење маска воведе Западна Австралија

Казна од 50.000 долари за неносење маска воведе Западна Австралија

Властите во Западна Австралија донесоа одлука дека оној што нема да носи маска на аеродром ќе плати казна од 50.000 австралиски долари, или околу 32.000 евра.

Маски нема да мора да се носат на аеродромите додека се јаде, пие или се земаат лекови, но патниците нема да може да го прават тоа во одење, туку само додека седат.

Властите во Западна Австралија донесоа нови, драстични мерки за сопирање на ширењето на мутираниот сој на коронавирусот, кој, како што тврдат, е позаразен од досега познатиот.

Како што соопшти премиерот на Западна Австралија, една од австралиските сојузни држави, маските повеќе нема да бидат задолжителни само во авионите, туку и на аеродромите.

Сите постари од 12 години мора да носат маски, или ќе се соочат со огромната казна од 50.000 австралиски долари, пренесуваат австралиските медиуми.

Исклучок од обврската за носење маска е кога се разговара со глувонемо лице кое може да чита од уста.

Исто така, маските не се задолжителни ни за вработени кои се сами во просторија или во возило.

Луѓето нема да бидат казнети ни ако ја тргнат маската на барање на полицијата за да бидат идентификувани.