Националното собрание, долниот дом на францускиот Парламент, одобри нацрт-закон за обновување на катедралата „Нотр Дам“ во Париз, која претрпе пожар минатиот месец.
Текстот беше одобрен минатата ноќ по 13 часа дебата и ќе биде разгледан од Сенатот до крајот на мај.
Предлог-законот обезбедува даночно олеснување за луѓето кои учествуваат во поправка на катедралата. Предвидени се едноставни процедури за владини набавки поврзани со обновувањето на „Нотр Дам“.
Катедралата се опожари на 15 април вечерта, а најголема штета има на куполата и структурата на покривот.
Во говорот речиси веднаш по пожарот, францускиот претседател Емануел Макрон вети дека црквата ќе биде обновена брзо, а неколку часа по пожарот, стотици милиони евра беа донирани.