Поголемиот дел на шестмилионскиот главен град на Венецуела, Каракас, вчера беше погоден со тричасовен прекин на електрична енергија, за кој претседателот Николас Мадуро рече дека e саботажа на опозицијата.
– Тие го саботираа електродистрибутивниот систем на Каракас. За неколку часа ќе ги фатиме и не се изненадувајте ако меѓу нив има политички лидери и интелектуалци, изјави Мадуро во обраќање на државната телевизија.
Прекинот на електричната енергија три часа го парализира транспортот, трговијата, телефонските комуникации и интернетот. Меѓународниот аеродром во Каракас престана да работи околу еден час. Исто така беа погодени и неколку болници, меѓу кои и породилниот дом во западниот дел на главниот град.
Лидерот на опозицијата, Енрике Каприлес, рече дека е „добро познато оти парите за секторот за електрична енергија се украдени“.
– Станува збор за милиони долари. Склучените договори не беа исполнети, одржувањето не беше спроведено, истакна тој.