Свет 31. мај 2018. / 14:14

Јужна Кореја апелира за мир во пресрет на средбата помеѓу Трамп и Ким

Јужна Кореја апелира за мир во пресрет на средбата помеѓу Трамп и Ким

Во пресрет на долгоочекуваната средба помеѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, растат и апелите за мир од страна на Јужна Кореја, која досега во преговорите помеѓу двете страни ја имаше улогата на посредник.

Апелите за мир во најголема мера се изразени од страна на невладиниот сектор во Јужна Кореја, па така една од највлијателните мировни организации во земјата, „Небесна култура, светски мир“ организираше тура низ неколку европски земји, каде ги презентираше своите заложби за мир. Делегацијата на организацијата во текот на мај ги посети Украина, Германија, Шведска, Норвешка и Романија, потенцирајќи ја потребата за мирното обединување на двете Кореи.

„Кога сите ние ќе се придвижиме кон патот кон мирот, тој ќе биде постигнат на меѓународно ниво. На идните генерации мора да им оставиме еден мирен свет, каде се надминати разликите поврзани со националностите, расите и религиите“, порача претседателот на јужнокорејската невладина организација, Ман Хи Ли.

Тој исто така додаде дека прашањата на Корејскиот Полуостров полека се придвижуваат од конфронтации кон разговори, и преку одржувањето на меѓукорејскиот самит тензиите помеѓу двете страни се видно намалени, а очекувањата на корејскиот народ за мир и стабилност сè повеќе и повеќе се зголемуваат.

Во меѓувреме, американската делегација задолжена за подготовките на претстојната средба помеѓу Трамп и Ким ќе го продолжи својот престој во Сеул за уште неколку дена, пренесува јужнокорејската агенцја „Јонхап“.

Делегацијата, која е предводена од страна на американскиот амбасадор во Филипините, Сунг Ким, би можела да остане во Јужна Кореја и да ги продолжи разговорите со севернокорејските претставници сè до одржувањето на средбата, закажана за 12 јуни во Сингапур.