Стотици демонстранти се појавија оваа недела пред италијанскиот суд, откако двајца мажи се ослободени од обвиненијата за силување делумно бидејќи судијките сметале дека наводната жртва изгледала премногу „мажествено”, јави Си-ен-ен.
Во 2016 година, двајца Перуанци биле осудени за силување на жена чие име не се обелоденува од правни причини во италијанскиот град Анкона во 2015 година. Но, пресудата потоа била отфрлена од страна на апелациониот суд во Анкона, бидејќи три судијки заклучиле дека сведочењето на наводната жртва не било веродостојно.
Жртвата, која во времето на наводниот напад имала 20 години, исто така е со перуанско потекло.
Многумина беа шокирани од отфрлањето на пресудата, со оглед дека медицинскиот тим потврди дека повредите на жената биле во согласност со обвиненијата за силување.
Чинзија Молинаро, адвокатката на жртвата, изјави дека судијките ја поништиле првичната пресуда врз основа на образложение на 22 страници, тврдејќи дека сведочењето на жената во врска со инцидентот не е веродостоен, со оглед дека мажите „не ја сметале за привлечна, била премногу мажествена“.
Во образложението се наведува дека еден од обвинетите го имал бројот на жената зачуван во телефонот под името „Викинг“ и дека „не е можно да се исклучи можноста дека всушност жената е онаа која го организирала ‘возбудливиот’ настан“.
Нè шокираше изречената пресуда. Бев запрепастена кога го читав образложението на судот, изјави Молинаро за Си-Ен-Ен.
Наводната жртва тврди дека била силувана во паркот во Анкона на 9 март 2015 од страна на човек што го познавала, додека другиот маж стоел отстрана и стражарел.
Следниот ден отишла во болница. Докторите и ги зашиле повредите и имала 14 конци во вагината, рече нејзината адвокатка.
Таа не се сеќаваше што точно се случило во текот на ноќта бидејќи била дрогирана“ рече Молинаро, додавајќи дека докторите потврдиле дека во крвта на наводната жртва се пронајдени траги од дрогата за силување.
Мажот обвинет за силување првично беше осуден од судот на пет години затвор, а неговиот колега, кој стражарел судот го осуди на три години затвор. Пресудата е отфрлена во 2017 година, но само мината недела јавноста дозна за образложението кое стои зад поништувањето на првобитната пресуда.
Поради контроверзните наводи во образложението на судијките, на нозе се кренаа организациите за правата на жените и синдикатите и овој понеделник организираа протести пред судот во Анкона.