Италија има намера да го спроведе својот план за воведување нов данок на дигиталните компании, вклучувајќи ги и американските технолошки гиганти, и покрај заканите за одмазда кои доаѓаат од Вашингтон, изјави заменик-министерот за економија Антонио Мисијани.
Италија следната година ќе наметне данок од три проценти на одредени мрежни трансакции на големите дигитални компании, како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Амазон“, се вели во нацрт-буџетот.
Вашингтон рече дека данокот неправедно влијае на американските компании. Висок американски функционер изјави дека претседателот Доналд Трамп е подготвен да се закани со одмазда.
На Италија и другите земји-членки на ЕУ одамна им пречи фактот што Фејсбук, Гугл и другите дигитални гиганти остваруваат огромни профити, при што даночните обврски изнесуваат само неколку милиони евра.
Дигиталните компании префрлаат профит во земји со ниски или дури и нула даночни стапки, како што е Ирска, бидејќи се бара да плаќаат даноци само во земјата каде што се регистрирани според меѓународните даночни правила.
Новиот италијански данок треба да го плаќаат само компаниите со годишни приходи поголеми од 750 милиони евра и вредност на дигиталните услуги над 5,5 милиони евра.