Свет 06. ноември 2020. / 23:45

Истекува времето за договор меѓу Велика Британија и ЕУ за трговија по Брегзит

Истекува времето за договор меѓу Велика Британија и ЕУ за трговија по Брегзит

За помалку од два месеци истекува преодниот рок наменет за регулирање на односите по напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија.

До крајот на оваа година, Велика Британија е во рамките на единствениот пазар и царинската унија на ЕУ, иако ја напушти Унијата на 31 јануари.

Сега неизвесниот трговски договор Лондон-ЕУ по Брегзит, доколку го има, ќе обезбеди да нема тарифи и квоти за трговија меѓу двете страни во иднина, но сепак ќе има технички трошоци, делумно поврзани со царински проверки и нетарифни бариери при размената на услуги.

Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека се надева на договор во следните седум до 10 дена, но „дури и да нема договор, Велика Британија е многу добро подготвена“ за конечно заминување од ЕУ.

Сепак, британскиот Државен завод за ревизија веќе предупреди дека најверојатно ќе има „значителни нарушувања“ во трговијата со Европската унија на почетокот на следната година, дури и со договор за трговија, бидејќи компјутерскиот систем и областите за транзит на камиони не се подготвени да се справат со односите со ЕУ.

– Веројатно ќе има значително нарушување на границите од 1 јануари, бидејќи многу трговци и трети страни нема да бидат подготвени за нови контроли на ЕУ, се вели во последната проценка на ревизорската служба.

Според „разумните најлоши претпоставки“ на владата на Џонсон, 40 до 70 проценти од камионите кои транзитираат меѓу ЕУ и Велика Британија можеби не се подготвени за новата гранична контрола од 1 јануари. Владата предупреди и на редици до 7.000 камиони на големите пристаништа во југо-источна Англија.