Свет 03. декември 2018. / 12:12

Исчезнаа 3.500 емигранти кои тргнаа кон границата со САД (ВИДЕО)

Исчезнаа 3.500 емигранти кои тргнаа кон границата со САД (ВИДЕО)

Емигрантите што кон средината на октомври тргнаа од Хондурас кон Соединетите Американски Држави сега се разбегале по Тихуана, на северозападот на Мексико, а за околу 3.500 од нив не се знае каде се, од над 6.000 што пристигнаа на американската граница, јавува Франс прес.

Властите во Тихуана повеќе од две недели ги држеа 6.000 емигранти, главно од Хондурас, во спортски центар во изолиран кварт, неколку метри од оградата на границата.

Но, силни дождови и ниски температури го погодија мексиканскиот град во последните денови, па властите морале да ги преместат емигрантите во друго засолниште. Таму има околу 2.000 емигранти, изјави за Франс прес Марио Осасуна, задолжен за социјалниот прашања во градската управа на Тихуана.

Уште околу 500 од нив останале во близина на првиот камп кој сега е затворен и спијат на улица, открива истиот извор. Се стравува дека властите или ќе ги приведат сместувајќи ги во новото прифатилиште или ќе ги протераат.

За останатите емигранти, околу 3.500, „не знаеме каде се, или се на пат кон дома или бараат помош да го продолжат патувањето“, кажа Осасуна.

Кон крајот на ноември американската полиција со солзавец сопре околу 500 емигранти кои се обидуваа да ја прескокнат заштитната ограда на границата. Тој инцидент обесхрабри голем број емигранти и ги натера да се вратат дома или да останат во Мексико.

Меѓународната организација за емигранти (ИОМ) на ОН, досега им помогна на 450 емигранти, меѓу кои и деца, кои изразија желба да се вратат во своите домови. Други чекаат на својот ред.