Свет 05. октомври 2018. / 21:54

Ирански генерал му се заканува на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Ирански генерал му се заканува на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да тренира пливање во Средоземното Море бидејќи би можел да биде принуден да бега на таков начин. Ова го изјави вториот човек на иранската револуционерна гарда, генерал Хосеин Салами.

„Му порачувам на премиерот на ционистичкиот режим да вежба пливање во Средоземното Море бидејќи набргу нема да има друг избор, освен да бега преку море“, рече Салами. Неговите зборови беа пренесени од агенцијата „Фарс“, која е блиска до иранските конзервативци.

На состанокот на членови на „Басиџ“, исламистичка паравоена групација, која е под директна контрола на врховниот лидер на Иран, Салами изјави дека либански Хезболах може да го уништи Израел.

„Тие (Израелците) не претставуваат голема закана за нас и Хезболах би бил доволен за да ги уништиме“, додава тој.

Иран не го признава Израел и отфрлањето на Израел е во центарот на иранската политика од Исламската револуција во 1979 година.

Иако ирански официјални лица често велат дека Израел набргу ќе престане да постои, тие најчесто се обидуваат да останат претпазливи и не зборуваат отворено дека исчезнувањето ќе биде резултат на ирански напад.