Свет 12. февруари 2020. / 21:46

Иран негира дека неговата вселенска програма има воена намена

Иран негира дека неговата вселенска програма има воена намена

Иранскиот министер за одбрана Амир Хатами негираше дека иранската вселенска програма има воена димензија, како што тврди Вашингтон. Тој појасни дека средствата за лансирање на сателитите и самите сателити се цивилни прашања.

Оваа објава доаѓа неколку дена откако Техеран направи неуспешен обид за лансирање на сателит во орбитата.

Хатами потенцира дека во светот не постои никаква забрана против иранската вселенска програма, дека лансирањето на сателитот не е дефанзивно и оти тоа е право на иранската нација.

Иран во неделата лансираше нов научен сателит за набљудување „Сафир“, но не успеа да го постави во орбитата.

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, го обвини Иран дека сака да ги засили своите способности во областа на балистичките ракети преку лансирање сателити.

Технологиите што се користат за ставање сателити во орбита се практично идентични и взаемнозаменливи со технологиите што се користат за интерконтинентални балистички ракети – изјави Помпео.

Хатами рече дека Иран ќе продолжи да ја развива својата вселенска програма и оти очекува на почетокот од наредната година да биде лансирана и новата верзија на сателитот „Сафир“. Тој рече дека ракетата „Симорг“ ќе се користи за лансирање на „Сафир два“, истата што е користена за неуспешното лансирање на сателитот во неделата.

Хатами исто така рече дека Иран ќе продолжи со истражување на проектили и сателити сè додека не достигне стабилност во таа област.