Али Акбар Салехи, шеф на Организацијата за атомска енергија на Иран, во интервју за „Асошиетед прес“ жестокот ја нападна администрацијата на Трамп поради повлекувањето од нуклеарниот договор за Иран, познат како Заеднички сеопфатен план за акција, додавајќи дека одлуката на претседателот на САД да го стори тоа го ставила на губитничката страна.
Салехи, кој претходно летово предупреди дека Техеран ги зајакнува капацитетите за збогатување на ураниум, во вторникот рече дека иако Иран се надева оти нуклеарниот договор ќе го преживее повлекувањето на САД, иранската нуклеарна програма ќе излезе посилна од кога и да било дури и ако договорот пропадне. Тој предупреди и дека последиците ќе бидат остри ако на иранските нуклеарни научници во земјата,кои често се мета на израелската разузнавачка служба во последниве години, и понатаму бидат напаѓани. Иранските нуклеарни научници се соочија со повеќе од половина дузина обиди за атентат помеѓу 2007 и 2015 година; пет од нив беа успешни.
Во неделата, Ројтерс објави, цитирајќи ги иранските медиуми, дека Иран ја завршил многу напредната хала за изградба на модерни центрифуги во Натанц, во централен Иран. Во јули Техеран објави дека ја завршил фабриката за ротори што ќе ѝ овозможи на земјата да произведе околу 60 центрифугални машини IR-6. Салехи во тоа време истакна дека фабриката не ги прекршила условите на нуклеарниот договор.