Свет 08. декември 2020. / 13:37

Иран ја потврди смртната казната за новинарот Зам

Иран ја потврди смртната казната за новинарот Зам

Иранскиот Врховен суд денеска ја потврди смртната казна за новинарот Рухолах Зам поради „поттикнување на антивладини немири“ во 2017 година на социјалните мрежи.

–Да, Врховниот суд ја потврди казната што претходно ја донесе Судот на револуцијата, изјави портпаролот на иранскиот Врховен суд, Голамхусеим Есмаили.

Зам кон крајот на јуни беше осуден на смрт.

Тој раководеше со интернет-страницата „АмадЊуз“ и апликацијата Телеграм на кои поставуваше информации за протестите во 2017 година.

Зам беше обвинет за соработка со француските и израелските разузнавачки служби против Иран и обид за дестабилизација на Иран, преку поттикнување на насилство на протестите во 2017 година што избија во десетици градови низ Иран и донесоа најмалку 30 жртви.

Протестите започнаа по ненадејниот скок во цените на храната во Машхад, но брзо се проширија во повеќе градови и поттикнаа реакции што беа директно насочени против владата на претседателот Хасан Рухани и целата негова установа.

Зам живееше во егзил во Париз, а во 2019 година се врати во Иран, кога беше уапсен.