Свет 25. јануари 2020. / 19:52

Иран го стави во затвор одговорниот за соборувањето на украинскиот авион

Иран го стави во затвор одговорниот за соборувањето на украинскиот авион

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, изјави дека човекот по чија вина беше соборен украинскиот патнички авион од страна на иранската армија е во затвор.

– Лицето кое случајно собори украински авион во Иран, денеска е во затворсоопшти Зариф.

Тој го спореди инцидентот со несреќата на иранскиот авион што беше соборен во 1988 година од вооружените сили на САД.

– Вашингтон досега официјално не се извини за инцидентот. Дури и службеникот вклучен во нападот беше одликуван – нагласи Зариф.

Авион на украинска компанија се урна неколку минути по полетувањето од аеродромот во Техеран на 8 јануари, при што загинаа 176 лица, меѓу кои и граѓани на Авганистан, Германија, Иран, Канада, Украина, Велика Британија и Шведска.

Иранскиот генерален штаб во изјава на 11 јануари призна дека авионот бил урнат по грешка.