Свет 26. август 2019. / 13:06

Иран го продал танкерот што беше пуштен од Гибралтар

Иран го продал танкерот што беше пуштен од Гибралтар

Иранскиот танкер што се наоѓа во центарот на конфликтот на Вашингтон и Техеран повеќе не патува кон Турција, покажуваат последните податоците на Агенцијата за евидентирање пловидби. Моменталната локација на танкерот во моментов е јужно од грчкото копно, а западно од островот Крит, пренесува Ројтерс.

Како што се наведува, танкерот кој пренесува нафта, за која САД сметаат дека е наменета за сирискиот режим и неговите поддржувачи, претходно беше упатен кон пристаништето Каламата во Грција, но Атина порача дека нема да му дозволи да влезе во кое било пристаниште.

Податоците покажуваа дека бродот Адријан Дарја плови кон јужното турско пристаниште Мерсин, но денес е соопштено дека повеќе не е на пат кон тоа одредиште.

Иранскиот танкер беше пуштен кон средината на август од Гибралтар по пет недели задржување бидејќи се сомневаше дека превезува иранска нафта за Сирија, со што се кршат санкциите на Европската Унија.

Соединетите Американски Држави бараа од земјите на регионот да не дозволат влегување на бродот во своите пристаништа.

Иран го продал танкерот, а неговиот нов сопственик ќе одлучи за следната дестинација, ја пренесе денес агенцијата ИРИБ изјавата на портпаролот на иранската влада, без да наведе кому му припаѓа нафтата од танкерот, пренесува Ројтерс.

Откако Адријан Дарја беше ослободен на 18 август, САД соопштија дека ќе ги преземат сите мерки за да го спречат танкерот да ја испорача нафтата на Сирија.