Иран денеска го претстави новиот борбен авион, а претседателот Хасан Рохани порача дека Техеран мора да ја развива војската за да ги спречи другите земји да ја заземат неговата територија и ресурсите.
Борбениот авион „Ковсар“ е прикажан на свеченоста во Техеран по повод Националниот ден на одбранбената индустрија, на која присуствуваше и Рохани.
Ловецот „Ковсар“ е во целост домашно производство, способен да носи различно оружје, а ќе се користи за кратки воздушни мисии за поддршка, пренесе агенцијата „Тасним“.
„Мораме да се подготвиме за борба против воени сили кои сакаат да ја заземат нашата територија и нашите ресурси“ рекол Рохани во говорот којшто е пренесуван преку телевизија.
Според него, САД не се осмелуваат да го нападнат Иран затоа што се свесни за неговите воени сили и за високата цена на конфликтот.
„Зашто САД не нè нападнат? Поради нашите сили, затоа што ги знаат последиците“, рекол Рохани.