Свет 02. јануари 2021. / 21:36

Иран го прекршува нуклеарниот договор – најавено зголемено производство на ураниум

Иран го прекршува нуклеарниот договор – најавено зголемено производство на ураниум

Иранските власти ја известиле Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) дека планираат да произведат збогатен ураниум до 20 проценти, што е значително над прагот дозволен според договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година.

– Иран ја извести агенцијата за својата намера да произведува збогатен ураниум на ниво до 20 проценти во подземната фабрика Фордо, за што неодамна одлучи иранскиот парламент, наведува агенцијата на ООН.

Иранските власти на 31 декември испратиле писмо до ИАЕА, но не навеле кога планираат да го почнат тоа производство.

Според последниот извештај на ИАЕА, Техеран го збогатува ураниумот на ниво од 4,5 проценти, додека дозволеното според договорот е 3,67 проценти.

Иранскиот парламент неодамна донесе одлука за зголемување на нивото на збогатување ураниум по убиството на иранскиот физичар Мохсен Фахризадех. Иран се сомнева дека Израел стои зад убиството на научникот.

Иран и шест големи сили – САД, Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија – го склучија иранскиот нуклеарен договор во Виена во 2015 година, по 12 години криза со таа програма.

Во меѓувреме САД се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции за Иран.