Шефот на иранската дипломатија, Мохамад Џавад Зариф, изјави дека Велика Британија, Франција и Германија го „продале остатокот“ од иранскиот нуклеарен договор (Заеднички сеопфатен план за дејствување) во замена за ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да воведе царини на европските автомобили.
– Европската тројка ги продаде остатоците од договорот за да ги избегне новите санкции на Трамп. Тој нема да застане, на тој начин само ќе ги раздразните неговите апетити. Доколку сакате да ја продадете својата чест, продолжете. Но тоа не го кријте зад висок морал и правна ситуација. Не располагате со таква – искоментира Зариф на Твитер.
Appeasement confirmed.
E3 sold out remnants of #JCPOA to avoid new Trump tariffs.
It won’t work my friends. You only whet his appetite. Remember your high school bully?
If you want to sell your integrity, go ahead. But DO NOT assume high moral/legal ground.
YOU DON’T HAVE IT. pic.twitter.com/tePZhN2E4X
— Javad Zarif (@JZarif) January 16, 2020
Неговите коментари доаѓаат откако во американскиот весник „Вашингтон Пост“ беше објавен напис во кој се тврди дека Трамп им се заканил на трите земји дека на нивните европски автомобили ќе наметне царина во висина од 25 отсто доколку тие не го обвинат Иран дека го прекршува договорот.
Според весникот, предупредувањето кон нив било упатено уште на 12 јануари, а два дена подоцна земјите го активираа механизмот за разрешување на споровите во рамки на нуклеарниот договор.
Еден од изворите, на кои се повикува весникот, овој чекор на САД го нарече „изнудување“.
Иднината на договорот беше ставена под прашање откако во 2018 година САД еднострано го напуштија и Вашингтон наметна санкции против Техеран во областа на извозот на нафта.
Според Иран, останатите учесници, главно европските земји, исто така не се придржуваат целосно кон своите обврски од договорот во делот на економијата, така што во сегашната негова форма тој нема никаква смисла.