Свет 08. април 2020. / 13:06

Иран бара од ММФ заем од 5 милијарди долари поради коронавирусот

Иран бара од ММФ заем од 5 милијарди долари поради коронавирусот

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави денес дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе биде виновен за „дискриминаторско однесување“ доколку не му одобри заем од 5 милијарди долари на Техеран во борбата против коронавирусот.

Барам од меѓународните организации да ја исполнат својата должност. Ние сме членка на ММФ. Не би требало да има дискриминација во давањето заеми, кажа Рохани на состанокот на кабинетот кој се емитуваше на телевизија.

Шефот на иранската централна банка Абдулнасер Хемати испратил минатиот месец до ММФ барање за 5 милијарди долари од Иницијативата за итно финансирање, односно кризната програма за помош на земјите соочени со ненадејни шокови како природни катастрофи.

Функционер на ММФ кажа дека во дијалогот со иранските власти разговараат за барањето за финансиска помош и се обидуваат да ги сфатат иранските потреби и сѐ што е потребно за обработката на нивното барање.

Во епидемијата на коронавирусот во Иран, најтешко погодената земја на Блискиот Исток, умреа речиси 4 илјади луѓе, а заразени се над 62.000.

Епидемијата сериозно ѝ наштети на иранската економија, која веќе е ослабена од американските санкции наметнати во 2018 откако Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор на Иран со светските сили од 2015.

Техеран ги обвини САД за политика на „максимален притисок“ и ограничување на иранските можности ефикасно да одговори на вирусот.

Американските санкции против Иран се економски и медицински тероризам. Со нив се кршат меѓународните конвенции, изјави Рохани.

Американската администрација тврди дека санкциите не го погодуваат иранското здравство и дека Вашингтон им понудил помош во борбата со епидемијата. Иран ја оѕтфрли понудената американска помош нарекувајќи ја смешна.