Најмалку 168 луѓе загинаа, а повеќе од 700 се повредени, откако цунами удри во брегот на Индонезија, за кој властите сметаат дека е предизвикан од ерупцијата на вулканот Анак Кракатоа.
Стотици објекти се уништени при ударот на цуманито, а жителите се предупредени да бидат што подалеку од брегот поради можноста од нов налет на водени бранови.
Се стравува дека бројот на загинати веројатно ќе биде и поголем.
Меѓу погодените области е и популарната плажа Танџунг Лесунг во западна Јава, каде што во тие моменти настапувал еден од најпознатите индонезиски бендови „Севнтин“. Пејачот Риефијан Фаџарсја на Инстаграм објави дека загинале басистот и менаџерот на групата.
Бев на плажа и се обидував да ја фотографирам ерупцијата. Таа беше доста силна, но пред да удрат брановите, немаше никаква активност. Во еден момент само видов како брановите доаѓаат и почнав да бегам. Имаше два брана и првиот беше многу силен, изјави норвешкиот фотограф Ојстин Лунд Андерсен.
Властите сè уште истражуваат дали цунамито е предизвикано од ерупцијата на подводниот вулкан. Токму од тие причини, во прв момент не било објавено предупредување за цунами.