Шефот на индискиот регулаторен орган за лекови денеска одобри итна употреба на вакцина изработена од „АстраЗенека“ и локалната компанија „Барат Биотек“.
– Целокупната ефикасност на вакцината „АстраЗенекa“ е 70,42 проценти, додека вакцината „Барат Биотек“ е безбедна и дава многу силен имунолошки одговор, изјави генералниот директор на Регулаторниот орган за здравство за Индија В. Г. Сомани.
Британската вакцина се произведува во Институтот за серум во Индија, додека Барат Биотек соработува со владиниот медицински совет за истражување.
-Вакцините направени во Институтот за серум во Индија и Барат се дозволени само во случаи кога тоа е итно, рече Сомани во писмената изјава на прес-конференција, на која не одговараше на прашања, објави Ројтерс.
Премиерот Нарендра Моди ја поздрави одлуката на регулаторното тело да одобри употреба на вакцина во итни случаи.
– Секој Индиец ќе биде горд што и двете вакцини кои се одобрени за итна употреба се направени во Индија. Ова е знак дека државата може да се потпре на себе, рече Моди преку Твитер.