Свет 16. јуни 2020. / 23:30

Индија објави дека 20 нејзини војници загинале во судир со кинески граничари

Индија објави дека 20 нејзини војници загинале во судир со кинески граничари

Индиската војска објави дека 20 нејзини војници биле убиени во судирите со кинеските сили во спорното погранично подрачје во северна Индија. Ова е прв судир со жртви на нивната граница во децении.

Индиската армија првично соопшти дека загинале тројца нејзини војници, но подоцна објави дека уште 17 војници им подлегнале на повредите.

Кина ги обвини индиските сили за извршување провокативни напади врз нејзините трупи и не соопшти дали има жртви меѓу нејзините војници. Индиското МНР соопшти дека жртви имало на двете страни.

Според неименуван извор од индиската Влада, војниците се судриле со железни шипки и камења, без да бидат испукани куршуми.

Тоа е прв конфликт помеѓу двата азиски гиганта од 1975 година. Спорната граница зафаќа речиси 3.500 километри.