Уапсен е Дритон Ферати по кој се трагаше по престрелката во Мала Речица, во која беше убиено едно лице , а двајца се повредени. Ферати по приведувањето е спроведен во Истражниот затвор „Скопје“, откако судија на претходна постапка на 12 лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Во вооружената престрелка која се случи пред два дена учествувале две групи на лица кои биле со неколку автомобили. Притоа, во престрелката беше убиен Наип Реџепи (47) од село Белановце, Липковско, додека со тешки телесни повреди се здобил М.Ф, 23-годишник од кумановското село Черкези, кој поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Во пукањето со телесни повреди се здобил и 42-годишниот кумановец Р.С.
Притоа, против 12-мината беа поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „убиство“, „убиство во обид“ и „соизвршителство“. Флорим Мисини, кој се здоби со тешки телесни повреди е задржан на болничко лекување, поради што не може да ја издржува мерката притвор. Тој се опоравува на интензивното одделение по извршената операција на КАРИЛ.