Сопственикот на хотелот „Мандалај беј“ ги тужи жртвите од масакрот што се случи минатата година, велејќи дека тој нема никаква одговорност за пукањето во кое загинаа 59 лица, јавија американските медиуми.
Компанијата MGM Resorts International, што е соочена со низа тужби за нападот кој беше извршен во нејзиниот хотел во Лас Вегас, објави дека тужи над 1 000 од преживеаните жртви. Компанијата соопшти дека не бара надомест, туку сака да се заштити од понатамошните можни правни дејствија на жртвите
Во изјава за Си-ен-ен, нападот во кој Стивен Падок од прозорец на хотелот „Мандалај беј“ во Лас Вегас уби 59 луѓе, компанијата го нарече одвратен чин на злобен човек. Исто така, наведе дека нејзините тужби поднесени во судовите во Невада и централна Калифорнија имаат за цел да ги заштитат жртвите и да им помогнат да закрепнат.
„Развлекувањето на судските процеси и постапките со тужбите не се од најдобар интерес за жртвите, заедницата и оние кои и натаму закрепнуваат од нападот“, изјави портпаролката на MGM Resorts, Дебра Дешонг.
„Оваа тужба е за секоја осуда“, рече адвокатот Роберт Еглет, кој застапува околу 1 000 жртви во пукањето. Повеќе од 2 500 лица поднесоа тужби или се заканија со правни дејствија против хотелот по масакрот.
Стивен Падок од прозорецот на својата хотелска соба на 32. кат пукаше кон присутните на музички настан во Лас Вегас. Во нападот загинаа 59 луѓе, а стотици беа ранети и трауматизирани. По најголемиот масакр во поновата историја на САД, Падок изврши самоубиство.