Хонгконшката полиција соопшти дека демонстрантите ги гаѓале со стрели полицајците што патролираат во близина на Политехничкиот универзитет.
Потоа, демонстрантите фрлале саксии од високо кога стигнале и други полицајци.
Полицијата одговорила со солзавец, а демонстрантите повторно ги гаѓале со стрели, па подоцна дошло и до трет напад со ова оружје. Никој од полицајците не бил повреден.
Полицијата вели дека на местото на настанот заплениле шест стрели. Студентите и другите демонстранти оваа недела се собраа во главните универзитетски кампуси во Хонг Конг, спремајќи се за одбрана во случај полицијата да се обиде да ги истера оттаму.
Продемократските протести почнаа пред повеќе од пет месеци и ги поделија жителите на Хонг Конг.
Овој град од 7,5 милиони луѓе веќе четврти ден по ред се соочува со масовни прекини во превозот зашто демонстрантите блокираа некои поголеми улици и железнички линии.
Илјадници лица не успеале да дојдат на работа, па владата денеска апелираше работодавците да покажат флексибилност.
Сите училишта во Хонг Конг поради прекинот на сообраќајот исто така ќе ја запрат наставата од петок до недела, соопшти надлежната служба за образование, која ги повика студентите да се воздржат од понатамошно насилство, јавува Ројтерс.
Кинескиот универзитет ја прекина наставата за остатокот на годината, а другите побараа од студентите да се префрлат на онлајн-учење.
Австралиските власти изразија длабока загриженост поради насилствата во Хонг Конг и „сè поголемата поделба меѓу власта и луѓето во Хонг Конг“ и додадоа дека е „клучно полицијата пропорционално да реагира на протестите“.