На референдумот за самоопределување во француската прекуморска територија Нова Каледонија, 56,4 отсто од граѓаните гласаа против независноста, додека 43,6 отсто биле за отцепување, тамошната изборна комисија ги соопшти денес конечните резултати од гласањето.
Резултатот против независноста е поголем од прогнозата според претходните анкети.
Изборната комисија рече дека имало огромен одѕив на гласачите, 80,63 проценти.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој во мај ја посетил оваа територија во Пацификот, изјави дека Франција е горда дека оваа прекуморска територија одлучила да не се отцепи.
„Горд сум како шеф на држава бидејќи поголемиот дел од жителите на Нова Каледонија ја избраа Франција- рече Макрон во телевизиското обраќање, додавајќи дека постои само еден пат „патот на дијалогот“.
Францускиот премиер Едуард Филип би требало наскоро да ја посети таа француска прекуморска територија.
Нова Каледонија била колонија на Франција, а подоцна го добила статусот прекуморска територија. Централните власти во Франција и локалните власти на Нова Каледонија во 1999 година постигнале договор за поширока автономија на таа територија.
Нова Каледонија е архипелаг во Пацификот. Се наоѓа на 1.210 километри источно од Австралија и 16.136 километри од матичната Франција. Има околу 270.000 жители, од кои 40 проценти се припадници на заедницата домородци Канак, а 27 проценти се Европејци.