Бившиот лидер на СССР, Михаил Горбачов, во интервју за француски Фигаро одговори на обвиненијата дека ја „предал Источна Европа“, пренесуваат РИА Новости.
Според него, реакцијата на советското раководство на настаните што се случуваа во државите од тој регион била дел од политиката на „новото мислење“, што се базирала врз принципот на слобода на избор. Горбачов додаде дека соседните држави добиле права и слободи на кои веќе се радувале советските граѓани, но не се согласува дека „ја предал Источна Европа“.
-На кого сум ја предал? Полска на Полјаците, Унгарија на Унгарците, а Чехословачка на Чесите и Словаците, изјави бившиот советски лидер.
Претходно Горбачов за виновници за распаѓањето на СССР ги прогласи организаторите на августовскиот пуч. Тој исто така призна оти бил свесен за ризиците од перестројката, но не можел ништо да стори поради неопходноста од промени.