Покрај здравствената опасност што ја носи пандемијата, многу земји во светот од Кенија преку Индискиот полуконтинент до Латинска Америка, се соочува и со огромен недостиг на храна.
Вонредните мерки и социјалното дистанцирање воведени заради пандемијата на корона вирусот негативно влијаат на глобалната економија, оставајќи ги луѓето без работа и трошејќи ги финансиските резерви. Економијата е во застој, а запирањето на сообраќајот остави милиони луѓе низ светот изолирани и соочено со страв од глад.
Се зборува дека корона вирусот ги направи еднакви богатите и сиромашните затоа што сите може да заболат, но кога станува збор за храната, нема еднаквост затоа што гладот им се заканува само на сиромашните.
Според податоците на Светската програма за храна при Обединетите Нации, пред пандемијата 135 милиони луѓе биле соочени со недостиг на храна, а по пандемијата уште 130 милиони ќе се најдат во истата ситуација. Тоа значи дека вкупно околу 265 милиони луѓе ќе бидат на раб од гладување до крајот на оваа година.
Експертите укажуваат дека недостигот од храна предизвикан од пандемијата е различен од сите досега.
Додека претходно кризите и недостигот на храна биле главно регионални, сега кризата е глобална – милиони останаа без работа и редовни примања, милиони од претходно живеат на раб на егзистенција, а милиони избегале или ќе се обидат да избегаат од деловите на светот зафатени од војна и екстремна сиромаштија.