Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, изјави дека неговата земја мора да остане посветена на борбата против антисемитизмот во секој облик, притоа изразувајќи најдлабоко жалење поради Холокаустот.
– Масовните убиства на шест милиони Евреи, што е најголемо злосторство на човештвото, го спроведе мојата земја. Ужасната војна, која чинеше над 50 милиони животи, почна во мојата земја. Седумдесет и пет години по ослободувањето на Аушвиц јас стојам овде како претседател на Германија, полн со вина – порача Штајнмаер од Светскиот форум за Холокаустот во Ерусалим.
Германскиот претседател додаде дека би сакал да може да каже дека Германците научиле од историјата еднаш засекогаш, но дека тоа не може да се каже кога омразата се шири, кога антисемитизмот е скриен во критикувањето на политиката на Израел.
– Тоа е исто зло и постои само еден одговор: никогаш повеќе. Затоа не може да биде крај на сеќавањето – истакна шефот на германската држава.
На почетокот на говорот, Штајнмаер присутните ги поздрави на хебрејски со зборовите: „Фала му на Господ што сме овде денеска“. Потоа продолжи на англиски наместо на германски јазик и оцени: „Германците се обидоа да ги дехуманизираат (Евреите)….не успеаја“.