Свет 03. април 2020. / 11:55

Германскиот министер за здравство смета дека попрво ќе има лек отколку вакцина против корона вирусот

Германскиот министер за здравство смета дека попрво ќе има лек отколку вакцина против корона вирусот

Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, изрази надеж дека наскоро ќе може да се користат лекови со насочено дејство за лекување на вирусот Ковид-19, бидејќи е убеден дека лекот ќе се појави на пазарот пред вакцината.

– Постојат први индикации дека некои лекови, се чини дека помагаат. Студиите треба да се спроведат што е можно поскоро – вели Шпан за весникот „Билд“.

Сепак, тој смета дека мора да се внимава затоа што пациентите мора да бидат заштитени, затоа што секој лек има и несакани ефекти.

Шпан потенцира дека во Германија веќе се направени повеќе студии, меѓу кои и за „стариот“ лек против маларија „Ресохин“ на фармацевскиот гигант „Баер“.

– Развојот на вакцина носи поголем предизвик. За лекот против маларија знаеме со години, децении. Го знаеме дејството и нус појавите. Сега тоа мора да биде анализирано и за лекување на Ковид-19 – потенцира Шпан.

Кога станува збор за производство на вакцина, Шпан вели дека станува збор за повеќе месеци, а не само неколку.

– Би бил најсреќен министер за здравство во светот доколку за три до шест месеци имаме вакцина. Но, јас сум реалист и доволно ме советуваа експертите за да знам дека тоа може да трае и 12 месеци. Поради тоа, во политиката не смееме да будиме лажни надежи – нагласува Шпан.