Свет 08. август 2018. / 11:15

Германски пар доби затворска казна – го продавале синот на педофили

Германски пар доби затворска казна – го продавале синот на педофили

Германката Берин Т. (48) и нејзиниот партнер Кристијан Л. (39) се осудени на затворска казна затоа што сексуално го злоставувале нејзиниот седумгодишен син и го продавале на педофили.

Судот во Фрајбург ја осуди жената на 12 и пол, а нејзиниот љубовник на 12 години затворска казна поради злосторството кое што ја шокираше Германија.

Германската полиција го уапси Кристијан Л. во септември минатата година во Минстерал во покраината Баден-Виртемберг. Тој пред истиот суд одговараше уште во 2010-та година поради поседување и ширење на детска порнографија, сексуално злоставување и измама. Тогаш беше осуден на четири години затворска казна, а откако бил ослободен, му бил забранет било каков контакт со деца.

Берин Т. наводно била запознаена со минатото на Кристијан, а тој и признал дека го привлекува нејзиниот син. Тој и рекол дека ќе биде во врска со неа само ако се помири со тоа, а после краткото размислување, таа се согласила на се, пренесува „Зидојче Цајтунг“ повикувајќи се на извори од обвинителството.

Од 2016-та година Кристијан живеел заедно со Берин во местото Штауфен. Момчето, кое што сега има 10 години, било сексуално злоставувано од двајцата подолго од две години, а исто така го нуделе на „Даркнет“ на разни педофили од Германија и странство за пари.

На судењето биле објавени застрашувачки видео-снимки кои што го докажале тоа. Иако момчето жестоко се бранело, тие не престанувале и му се заканувале дека ќе го однесат во дом.

Кристијан и други мажи го силувале безброј пати, а очувот дури и смислувал сценарија за текот на злоставувањето.

Берин и Кристијан ќе мора да одговараат и за обвинувањата дека сексуално искористиле и тригодишно девојче, ќерка на другарка на Берин.