Тројца германски неформални набљудувачи уапсени се, вчера, во Турција за време на претседателските и парламентарните избори, соопшти германското министерство за надворешни работи, објави ДПА.
На покана на опозициската прокурдска Демократска партија на народите, единаесет Германци ги набљудувале вчерашните избори. Двајца мажи и една жена од нив се уапсени во градот Улудере.
Еден од мажите изјави на ДПА дека намерно избрал област каде официјалните набљудувачи на ОБСЕ не биле испратени. Според неговите зборови, полицијата интензивно ги попречувала нивните обиди да ги набљудуваат изборите.
Според адвокатот на трите Германци денеска тие треба да се појават на суд. Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека Амбасадата во Анкара работи на случајот.