Свет 30. јуни 2018. / 21:22

Германската економија трпи загуби поради неуспехот на германските фудбалери

Германската економија трпи загуби поради неуспехот на германските фудбалери

Убаво летно време и светско фудбалско првенство – идеална комбинација за пивниците, гастрономите, трговците. Но германската репрезентација е елиминирана уште во групната фаза. Вистинска катастрофа за многу стопанственици.

Пивниците, кафулињата, рестораните во средата вечерта насекаде во Германија беа преполни со навивачи на германскиот национален тим, полни со очекувања. Вечерта пак, по завршниот свиреж на загубениот натпревар против Јужна Кореја и со тоа елиминацијата на репрезентацијата уште во групната фаза на Мундијалот – големо отрезнување. Кај навивачите, но и кај организаторите на јавно следење на фудбалски мечеви, сопствениците на пивници и кафулиња. Сите тие инвестираа големи пари, на пример во нови телевизори, во изнајмување гигантски мобилни екрани, што не е евтино, посебно во време на Светско првенство, кога побарувачката е исклучително голема. Сите тие мора да сметаат на големи загуби.

Првпат во историјата, откако Германците учествуваат на турнирот, германскиот тим е елиминиран во почетната фаза. „Кој уште би сакал да носи Адидас, ако тие отпаднат уште во почетокот?“, праша Роберт Халфер, експерт за стратешки акциски влогови во Бадер банката, во разговор за Дојче веле непосредно по почетниот загубен натпревар на германската национална фудбалска екипа против Мексико.

И на германските производители на пиво, кои годинава досега беа задоволни со зголемување на продажбата од 0,7 проценти во првиот квартал, елиминацијата на безволните момчиња на Јоги Лев ќе им го расипе расположението. Во 2006. година, пред и за време на СП во Германија, тие продадоа пет проценти повеќе пиво, а за време на светските првенства во 2010. и во 2014. година – околу четири проценти. Некои пиварници организираа вонредни работни смени за да можат да ја задоволат зголемената побарувачка.