Вакцината против коронавирус на компанијата Астра Зенека, според мислењето на германската комисија за вакцини, може да се користи само за вакцинирање на лица помлади од 65 години, објавено е во четвртокот.
– Вакцината на компанијата Астра Зенека, според планот за вакцинација, би требало да се користи за вакцинирање само на граѓани на возраст од 18 до 64 години, се вели во соопштението на Комисијата за вакцини, која делува при епидемиолошкиот институт Роберт Кох.
Комисијата заклучи дека во моментот не се достапни доволно податоци за да се процени ефикасноста на вакцината кај лица над 65 години.
Комисијата препорача вакцината „без ограничувања“ да се дава на други возрасни групи.
Вакцината на компанијата Астра Зенека сè уште не доби одобрение за употреба од Европската агенција за лекови. Одлука за тоа треба да се донесе во петок.
Германските медиуми на почетокот на оваа недела пишуваа за неефикасноста на оваа вакцина кај постари лица. Германското Министерство за здравство ги релативизираше написите, тврдејќи дека станува збор за погрешно читање на статистиката. Наведено е дека во тестирањето учествувале околу 8 проценти постари од 65 години.
Астра Зенека најави дека до Европската комисија последователно ќе испрати резултати од поново истражување во кое се опфатени повеќе лица над 65 години. Поради проблеми при испорака на вакцините, оваа британско-шведска компанија во моментов е во спор со Европската комисија.
Во Германија, вакцинацијата против коронавирус во моментов се спроведува врз корисници и вработени во домови за стари лица. По ова треба да следат луѓе постари од 80 години, по кои следат хронично болни лица.