Свет 02. февруари 2021. / 13:50

Германија: Зголемен бројот на десничарски екстремисти со дозволи за оружје

Германија: Зголемен бројот на десничарски екстремисти со дозволи за оружје

Бројот на десничарски екстремисти со дозволи за оружје, а кои веќе им се познати на германските власти продолжи да се зголемува минатата година, јави ДПА.

На крајот на декември, властите имаа околу 1.200 потврдени или осомничени десничарски екстремисти на нивниот радар на национално ниво кои легално поседуваа оружје -што е зголемување за речиси 35 проценти во споредба со крајот на 2019 година.

Бројките ги соопшти германската влада како одговор на истрагата на политичката партија Дај Линке (Левица).

– Зголемувањето на бројките ја докажува зголемената закана од неонацисти и расисти, рече пратеничката Мартина Ренер.

– Како што се очекуваше, вклучувањето на разузнавачката служба не се покажа како ефикасна мерка против вооружување на десничарската сцена, додаде политичарката.

Томас Халденванг, претседател на германската агенција за внатрешно разузнавање Верфасунгсшуц, минатата година изјави дека разузнавачките податоци покажуваат дека има мали десничарски екстремистички групи кои собираат оружје и се подготвуваат за „Ден X“.

Закон што стапи во сила во февруари минатата година, бара Верфасунгсшуц да биде прашан дали некое лице е на нивниот радар како екстремист пред да се издаде дозвола за оружје, како и на секои три години потоа.

Бројот на лица кои одделот ги идентификуваше како Рајхсбургер (граѓани на Рајхот) и суверени граѓани со картичка за поседување оружје или со дозвола за оружје, остана непроменет од претходната година, 528 лица.

Членовите на движењето Рајхсбургер не ги признаваат државните и федералните закони и одбиваат да плаќаат даноци, придонеси за социјално осигурување и казни.