Германија го забрани извозот на медицинска заштитна опрема за да се спречи кусокот од вакви материјали и да се обезбедат навремени испораки во болниците и ординациите, како дел од напорите да се спречи ширењето на корона вирусот, соопштија официјални лица.
Одлуката ја донесе владината работна група за епидемија од корона вирусот, а забраната за извоз стапи на сила веднаш, изјави портпаролот на Министерството за економија, пренесува хрватски „Индекс“.
Забраната за извоз се однесува на сите видови на медицинска заштитна опрема, вклучувајќи заштитни маски, медицински раквици и заштитна облека, соопшти Министерството за здравство.
Исклучоци се можни само под строги услови – истакнаа здравствените власти.
Германија досега регистрираше 240 случаи на инфекција со корона вирус, која се појави кон крајот на минатата година во Кина, и оттогаш се рашири низ целиот свет, предизвикувајќи смрт на скоро 3.200 луѓе.
Засега не се пријавени смртни случаи поврзани со инфекција од корона вирус, пренесува „Ројтерс“.