Свет 12. декември 2018. / 20:14

Германија со поддршка за Франција, Италија додава „масло во огнот“

Германија со поддршка за Франција, Италија додава „масло во огнот“

Германија има смирен став за кризата со „жолтите елеци“ во Франција и не го критикува претседателот Емануел Макрон, но затоа Италија „додава масло во огнот“ коментирајќи на сметка на францускиот претседател, оцени денеска агенцијата Франс прес.

-Добрата вест е дека ситуацијата се смири во Франција која е прв партнер на Германија. Во наш интерес е Франција да не биде дестабилизирана. – изјавиле од германската влада за Франс прес.

Никој од германската влада не сака да поттикнува пожар во Франција, туку да поддржи излез од кризата по која што Макрон наведе низа на мерки.

Од друга страна пак Италија ја критикува Франција и најавените мерки на Макрон.

Потпретседателите на италијанската влада Луиџи ди Мајо и Матео Салвини сметаат дека, доколку Франција го премине допуштениот дефицит, Европската комисија би требало тоа да и го овозможи и на Италија, а не да и се заканува со санкции ако не го промени предлогот на својот буџет.

Славини неодамна рече дека кризата со „жолтите елеци“ покажува дека Французите сфатиле дека нивниот претседател е лабораториски производ, направен за одржување на постоечкиот систем.